Пелистер со Раул Алонсо ја брка првата домашна победа во Лигата на шампионите

Актуелниот македонски шампион, тимот на Пелистер вечерва има нов предизвик во елитното натпреварување, во салата „Боро Чурлевски“ во Битола го пречекува тимот на Фредериција.

Единствената победа во овие две години од Лигата на шампионите, Пелистер ја оствари токму против Фредериција победувајќи ја во минатото коло на нејзин терен со 25-23.

Вечерва пелистерци играат против истиот противник, данскиот вицепрвак гостува во Битола и тоа ќе биде можност и за прва домашна победа.

На клупата на Пелистер ќе дебитира шпанскиот стратег Раул Алонсо кој неодамна стави потпис на договор со македонскиот клуб до крајот на наредната сезона.

„Имавме само три тренинга заедно, но ќе се потпреме на јасен план. Ќе се фокусираме на силна одбрана, интервенции од голманите и добро организирана транзиција. Ова е натпревар од Лигата на шампионите, каде што малите детали се одлучувачки“, рече Алонсо.

Натпреварот меѓу Пелистер и Фредериција почнува од 20:45 часот.