Федерер со емотивно писмо го „расплака“ Надал пред неговиот - последен танц!
Шпанецот, кој наскоро ќе го одигра последниот натпревар во дресот на репрезентацијата на Шпанија во Дејвис купот, доби порака со срцепарателна содржина од својот голем ривал, која дефинитивно го има расплакано.
„Вамос, Рафа! Додека се подготвуваш за завршување на твојата тениска кариера, имам неколку нешта што сакам да ги споделам пред да станам премногу емотивен. Прво и основно: ме победи - многупати. Повеќе пати отколку што јас успеав да те победам тебе. Ме предизвикуваше на начини на кои никој друг не можеше. На земјена подлога, секогаш имав чувство дека влегувам во твојот „двор“, и ме тераше да работам повеќе одошто сум мислел дека можам, само за да го одржам својот статус. Ти ме натера да ја променам мојата игра - дури отидов толку далеку што ја сменив и големината на главата на рекетот, надевајќи се на некаква предност. Јас не сум суеверен човек, но ти го издигна суеверието на ново ниво. Целиот твој процес, сите тие ритуали – редење шишиња како војници, средување на косата, наместување на опремата... Сето тоа со неверојатна посветеност. Потајно, ми се допаѓаше тоа. Беше уникатно – тоа беше твој печат. И знаеш што, Рафа? Ти ме натера уште повеќе да уживам во играта. Во ред, можеби не од самиот почеток. По Австралија Опен 2004, првпат станав број 1 на светот и мислев дека сум на врвот на светот. И бев, сè додека два месеца подоцна не се појави на теренот во Мајами со црвена маица без ракави, покажувајќи ги тие бицепси, и ме победи убедливо. Целата приказна што ја слушав за тебе – за неверојатниот млад играч од Мајорка, талентот на генерацијата кој еден ден ќе освои голем турнир – не беше само приказна“, напиша Швајцарецот.
Федерер, кој минатата година се повлече од тенисот и самиот беше дел од најголемото ривалство во историјата на спортот со Надал – заедно двајца одиграа бројни незаборавни мечеви, оставајќи траен белег врз тениската историја.