УЕФА и сѐ е можно: Осум безимени селекции ќе учествуваат во ждрепката за СП 2026!

Репрезентацијата на Македонија на ждрепката закажана за 13 декември ќе ги дознае имињата на противниците во квалификациите за пласман на Светското првенство 2026, која овој пат ќе биде ептен комплицирана бидејќи во неа ќе учествуваат и „безимени“ селекции.

Хрватска, како единствен претставник од регионот и тогаш нема да знае со кого ќе игра, бидејќи заедно со уште седум екипи ќе настапи во завршницата на Лигата на нации во март и јуни. Во ждрепката за квалификациите за следниот Мундијал наместо имињата на осумте четвртфиналисти во Лигата на нации, УЕФА ќе напише на ливчиња „победник на четвртфиналето 1, 2, 3, 4“, како и „поразен во четвртфиналето на Лигата на нации 1, 2, 3, 4“. Победниците ќе одат во некоја од четирите групи со по четири тима, а преостанатите четири ќе бидат поделени така што со ждрепка ќе бидат одредени две екипи во групи со по четири тима, а две во групи со по пет тима.

Тимовите кои ќе се пласираат на фајнал-фор турнирот од Лигата на нации во јуни ќе играат во термините на квалификациските натпревари, додека другите репрезентации, вклучувајќи ја и Македонија, ќе играат за пласман на Мундијалот. Учесници во четвртфиналето на Лигата на нации се Португалија, Франција, Германија, Шпанија, кои ќе бидат во првата група при извлекувањето на двојките и кои ќе ги одмерат силите со една од селекциите на Хрватска, Италија, Холандија и Данска.

Ова и не е така лошо за македонската репрезентација, која ќе се најде во третиот барабан и која сигурно ќе биде во група со пет селекции, во која, сепак, ќе нема некоја од селекциите од завршницата во Лигата на нации, што дефинитивно не е за потценување.