Македонската кошаркарска репрезентација ги почна подготовките за претстојните квалификациски натпревари против Литванија, од кои првиот меч ќе се одигра в четврток во Скопје, додека реваншот е закажан за в недела на гостински терен.

Репрезентацијата во ноемврискиот „прозорец“ влегува со скор 1-1, но и со сериозни проблеми во составот. Селекторот Александар Јончевски не може да смета на играчите кои настапуваат во Евролигата (Димитријевиќ и Шортс), бидејќи нивните тимови имаат обврски во исто време. Андреј Магдевски е повреден и речиси сигурно нема да игра, додека Иан Хап доаѓа по пауза поради здравствени проблеми, па не е јасно колку ќе може да помогне.

„Ова се најважните два натпревара во овој квалификациски циклус. За да ги задржиме шансите за пласман на Европското првенство, мора да победиме барем на еден од овие дуели. Литванија е фаворит, тоа е една од најсилните европски репрезентации. Очекувам мечот во Скопје да биде тест за нашата подготвеност“, изјави Јончевски.

Тој дополни дека тимот во моментот се потпира на кошаркари кои играат во домашното првенство и регионалната АБА 2 лига, но дека стручниот штаб планира да се обиде со тактички пристап да изненади силната литванска селекција.

„Притисокот е на страната на Литванците, особено по неочекуваниот пораз од Естонија. Тие ќе направат сè да победат во двата дуели бидејќи за нив е незамисливо да пропуштат Европско првенство“, додаде селекторот.

Репрезентацијата денеска ќе одржи еден тренинг, а утре два. В среда и четврток се предвидени по еден тренинг, пред првиот натпревар кој ќе започне в четврток од 18 часот во СРЦ „Кале“.