Македонија напаѓачки и со еден дебитант на победа против Фарски острови (ФОТО)

Македонската репрезентација попладнево ја затвора сезоната во Лигата на нации со натпревар против Фарски Острови (15 часот) во Скопје, противник со кој на стартот на сезоната одигравме нерешено, што е дополнителен мотив за момците во жолто-црвена опрема.

Селекторот Благоја Милевски избра супер-офанзивен пристап, со тројка во нападот – Миовски, Трајковски и Чурлинов, додека капитенот Енис Барди ќе ја организира играта од средината. Натпреварот ќе биде одбележан со деби на младиот играч на Струга, Бојан Илиевски, кој ќе игра на местото на Димоски од неодамнешниот меч против Летонија (1-0), додека Јани Атанасов ќе се најде во тимот на местото на повредениот Елиф Елмас.

Македонија денеска ја брка петтата победа во низа, што би било продолжување на рекордот и завршување на циклусот во Лигата на нации со стил, со оглед на веќе осигураната промоција во дивизијата Б.