Ѓоковиќ ќе ја заврши сезоната во топ-8

Иако пред околу еден месец постоеше опасност да излезе од најдобрата десетка во светот, Новак Ѓоковиќ сепак ќе ја заврши сезоната во топ-8.

Најмногу што може да падне е на осмото место и тоа ако Рубљев денеска го совлада Руд во последното коло од завршниот Мастерс во Торино. Можност да го помине Ѓоковиќ имаше и Алекс де Минор, но австралискиот тенисер без ниедна победа го заврши настапот во Италија и остана на негатива од 65 бода во однос на Новак.

Ваквиот развој на настаните е добар за Ѓоковиќ поради настапот на Австралија Опен каде не би можел да се сретне со најдобрите тенисери во осминафиналето. Сепак, сезоната ќе ја заврши со 3.910 бода и во моментов има 7.020 помалку од лидерот Јаник Синер со можност таа разлика да се зголеми за уште 900 бода, ако Италијанецот триумфира во Торино.