Кошаркарите на Пелистер го запишаа и третиот пораз во групата Ц од АБА2-лигата, откако вечерва беа поразени од Џокер со 84-93.

Битолчани имаа добар старт на мечот во Сомбор и ја добија првата четвртина со 30-26, а водството го чуваа до крајот на првото полувреме (53-49).

Третата четвртина беше решавачка затоа што Пелистер постигна само девет поени, а прими дури 27 од Џокер и со тоа беше најавен нивниот пораз.

Пелистер се обидуваше во последните 10 минути од мечот да го извлече максимумот и да се врати во игра, но на крајот загуби со девет поени разлика (84-93).

Антоан постигна 18 поени за Пелистер, додека најефикасни кај Џокер беа Бркиќ и Ивосев со по 21 поен.

Македонскиот тим по четири одиграни кола има една победа и три порази, додека пред него е Подгорица со две победи и еден пораз, како и Џокер со четири триумфи.