Јончевски не експериментира пред Литванија – со Нено и двајца Американци на списокот!
Жолто-црвените во февруарскиот циклус извојуваа победа против Полска, но беа поразени од Естонија, поради што евентуален триумф на еден од овие два меча би значен огромен исчекор кон ЕП 2025. Првиот натпревар против Литванците ќе го одиграме на 21 ноември во СРЦ „Кале“ во Скопје, додека три дена подоцна ќе ги одмериме силите во Клаипеда.
Селекторот Александар Јончевски за овој двомеч на проширениот список ги стави сите проверени сили, односно најдоброто од македонската кошарка, меѓу кои се и најдобрите – Ненад Димитријевиќ, Ти-Џеј Шортс и Итан Хап. Според правилата на ФИБА, само еден од натурализираните кошаркари може да бидат во тимот на овие натпревари.
Поширок список на Македонија: Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ, Андреј Магдевски, Андреј Шошкиќ, Ти-Џеј Шортс, Амар Хот, Ваљмир Какруки, Лејсон Зеќири, Теодор Симиќ, Максим Митевски, Андреј Митревски, Страхил Николов, Лука Стојановски, Бобан Стајиќ, Кристијан Николов, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Стојан Ѓуроски, Андреј Маслинко, Дамјан Стојановски, Дамјан Робев, Итан Хап, Виктор Ефремовски и Марин Петков.
Пласман на ЕП обезбедуваат трите првопласирани селекции, но од нашата група едната виза веќе е обезбедена за Полска, која е еден од четирите домаќини на следниот континентален собир.