Првпат по 19 години, Ѓоковиќ ја завршува сезоната без АТП титула

Новак Ѓоковиќ и натаму е една од водечките фигури во светот на тенисот, но јасно е дека годините си го земаат данокот и дека се ближи крајот на неговата блескава кариера.

По ланските успеси, трите освои Гренд слем трофеи и вкупно седум титули, српскиот ас ќе ја заврши 2024 година без ниеден АТП пехар. Тоа стана јасно откако го откажа својот настап на завршниот Мастерс во Торино, па нема да има можност да ја брани титулата на овој турнир освоена лани.

Ова ќе биде првпат по 19 години, Ѓоковиќ да ја заврши сезоната без ниедна АТП титула откако последен пат триумфираше токму во Торино, во овој период лани. Дури и воо 2017 година, кога имаше голем пад во кариерата и резултатите, а се мачеше и со повреди, Ѓоковиќ успеа да освои два турнира. Последниот пат кога не освои ниеден трофеј во сезоната (2005), Ѓоковиќ имаше само 18 години и тукушто ја почнуваше својата професионална кариера.

И покрај неуспесите, во 2024 година тој ја исполни својата главна цел - златен медал на Олимписките игри со што ги комплетира сите трофеи во светот на тенисот. Дали ќе успее да се врати на шампионските патеки во 2025, ќе покаже веќе Гренд слемот во Мелбурн каде триумфираше 10 пати во кариерата.