МЗТ Скопје нема право на грешка во Домжале – ако сака да остане во АБА2!

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје денеска го почнува вториот круг од првата фаза на АБА 2 лигата, со гостување кај Хелиос (18 часот) во меч во кој едноставно нема право на грешка.

По првите три кола, тимот од Аеродром има скор од една победа и два порази, при што загубените натпревари завршија со минимална разлика од само два поени и покрај значајната предност која ја имаше МЗТ Скопје во текот на мечевите. Во тековната сезона, екипата претрпе вкупно четири тесни порази, сите со два поена разлика или помалку.

Сино-белите ги потрошија сите кредити што значи дека мора да почнат да играат подобри и пред се да - победуваат. Дури и со пораз во вечерашната пресметка во Словенија, МЗТ би останал во трка за второто место во групата, но во тој случај би зависел од исходите на останатите натпревари, особено од мечот меѓу Домжале и Цедевита Јуниор.

МЗТ Скопје на натпреварот со Хелиос влегува со делумно нарушена атмосфера по поразот од Чаир 2030 во домашното првенство, што е четврти пораз на тимот во последните шест меча, што е несекојдневно за овој тим во последните повеќе од десетина години. Словенците, пак, се во подобра позиција по победата во Скопје пред две недели и со евентуална победа денес би обезбедиле пласман во следната фаза.

Вечерва и Работнички ќе настапи во натпревар од АБА 2, гостувајќи кај поранешниот европски шампион Босна (20 часот). Со само теоретски шанси за пласман во следната фаза, тимот од Градски парк ќе мора да победи за да ги одржи надежите, бидејќи пораз во вечерашниот дуел (20:00 часот) би значел крај на сите шанси за прогрес.