Неочекуван потрес во Арсенал - си замина спортскиот директор

По серијата лоши резултати во Премиер лигата кои придонесоа екипата да се оддалечи од врвот на табелата, дојде до уште еден потрес во Арсенал.

Бразилецот Еду си поднесе оставка од функцијата спортски директор на клубот, а причините за тоа засега се непознати. Се очекува во следните 24 часа тој јавно да се огласи и да објасни што го натерало на ваков потег ако се знае дека ја имаше довербата на најтесното раководство на клубот, а и успешно соработуваше со менаџерот Микел Артета.

Еду беше назначен на позицијата во 2019 година и е најодговорен, односно најзаслужен за тоа што Арсенал последните сезони се врати во англиската фудбалска елита. Во тимот донесе низа ѕвезди, меѓу кои и Мартин Одегард и Деклан Рајс и главно ги исполни сите желби на тренерот.

Меѓу другото, Бразилецот е поранешен играч на Арсенал и го носеше дресот на овој клубот во неговата најславна ера, на почетокот од новиот милениум кога таму играа суперѕвезди како Анри, Бергкамп, Виеира, Пирес, Адамс, Кол итн.