Ферстапен повторно казнет, ќе стартува пет позиции поназад од местото кое ќе го освои

Возачот на Мекларен, Ландо Норис го заврши како првопласиран, единствениот слободен тренинг пред Големата награда на Бразил.

Британецот беше најбрз на Интерлагос со време од 1:10.610 минути, со 181 илјадитинка побрзо време во однос на Џорџ Расел од Мерцедес. Зад нив остана дебитантот Оли Берман кој доби шанса на првиот тренинг во болидот на Хас, на местото на болниот Кевин Магнусен.

Актуелниот светски шампион и лидер во генералниот пласман Макс Ферстапен беше дури 15. со повеќе од една секунда заостанување зад Норис. Тој ќе ја почне неделната трка пет позиции поназад од местото кое ќе го освои во квалификациите поради промена на погонската единица.

Акцијата во Сао Паоло продолжува со спринт квалификациите од 19:30 часот, спринтот се вози утре од 15 часот, додека квалификациите се четири часа подоцна. Големата награда за Бразил стартува в недела од 18 часот.