Шкотски фудбалер со рак во четврта фаза игра натпревари и постигнува голови

Mладиот фудбалер на шкотскиот третолигаш Трев Роверс, Карли Ватсон минатата година дозна дека боледува од рак кој во меѓувреме напредувал и стигна до четвртата фаза проширувајќи се на неколку делови од неговото тело.
 

Но, како што пренесува „Би-Би-Си“ и покрај интезивното лекување, тој не се откажал од фудбалот. Во натпреварот против Вејл тој го постигна и шестиот гол оваа сезона.

„Не се сожалувам себеси. Едноставно сум човек кој гледа напред. Имав дамка кој стануваше се поголема и поголема. Отидов на доктор за да се отстрани, а неколку недели подоцна добив повик во кој ми кажаа дека дамката има врска со рак на кожата. Бев во шок. Во мои години едноставно не очекуваш да слушнеш такви вести. Многу мисли ми поминаа низ главата во ист момент“, изјави Ватсон.

Неговиот тренер Дени Дунглисон му се воодушевува.

„Ужасно е она низ што поминува. Има само 19 години, па тешко е да се разбере. Кога ќе го видите на теренот, не можете да си поверувате дека поминува низ таков пекол. Мислам дека не пропуштил ниту еден тренинг. Во ниту еден момент на натпреварите не изгледал како да се мачи. Ако ништо друго, изгледа како да е се подобро што е за воодушевување“, истакна Дунглисон.