Мала утеха: Голот по цепелин на Борзаш меѓу петте најатрактивни на колото во ЛШ (ВИДЕО)

Ракометарите на Пелистер синоќа го претрпеа петтиот пораз во шестиот меч сезонава во Лигата на шампионите и тоа на домашен терен против унгарскиот гигант Веспрем (23-30) во меч во кој само на моменти го оправдаа местото во најсилното европско клупско натпреварување.

Зелено-белите имаа ретко блесоци како што беше голот на Урош Борзаш по додавањето за цепелин од Нејц Цехте. Ова беше навистина голема атракција, која ја препознаа и луѓето од Европската ракометна федерација (ЕХФ) со оглед што овој потег се најде на третата позиција меѓу најатрактивните голови на колото.

За најубав е избран погодокот на Елохим Пранди од ПСЖ, а на втората позиција е Аркадиуш Морито од Кјелце.