Халанд ја добива битката на „новата генерација“ против Мбапе

На крилјата на Ерлинг Халанд, Манчестер Сити дојде до убедлива победа против Спарта Прага и се искачи во горниот дел на табелата во Лигата на шампионите.

Норвежанецот постигна два од петте гола за својот тим и сега има три оваа сезона, но вкупно 44 во својата кариера кога станува збор за елитното натпреварување. Со тоа веќе се искачи на 16. место на вечната листа на стрелци во Лигата на шампионите, а му требаат уште само пет за да влезе во топ-10.

Со оглед на тоа што Меси и Роналдо повеќе не се во Европа и не настапуваат во Лигата на шампионите, љубителите на фудбалот одамна видоа ново големо ривалство во Килијан Мбапе и Ерлинг Халанд. Засега, битката меѓу нив, кога станува збор за клупскиот фудбал и личните достигнувања, ја добива Норвежанецот. Халанд е единствен меѓу најдобрите 100 стрелци во историјата на ЛШ кој во просек постигнува по над еден гол на натпревар (1,05) и до бројката од 44 стигна на само 42 меча. Мбапе има 49, но за тоа му беа потребни дури 76 натпревари, а оваа сезона само еднаш затресе противничка мрежа и тоа во првото коло, против Штутгарт. Треба да се има предвид и дека Халанд е 19 месеци помлад од Мбапе, а норвешкиот фудбалер има и титула во Лигата на шампионите која фудбалерот на Реал уште не ја освоил.

Единствен проблем за Халанд е тоа што потекнува од држава со мала фудбалска традиција и минимални се шансите да оствари поголем успех со својата репрезентација. За разлика од него, Мбапе со францускиот национален тим веќе има една светска титула.