Борзаш: Има и Веспрем свои недостатоци, ќе се обидеме да го искористиме

Два дена по дебаклот од Алкалоид и смената на тренерската позиција, македонскиот првак Пелистер го очекува нова тешка задача, овојпат во Лигата на шампионите.

Во Битола гостува еден од најдобрите европски клубови Веспрем кој со години се обидува, но никако не успева да ја освои титулата во елитното натпреварување. Унгарскиот тим доаѓа како второпласиран во групата А, но со шанса да избие на првото место откако Спортинг синоќа загуби од Динамо Букурешт.

Левиот бек на Пелистер, Урош Борзаш е свесен за квалитетот на противникот и му ја препушта фаворитската улога, но очекува добар настап на неговиот тим и борба до последниот атом.

„Веспрем и оваа сезона е еден од најголемите фаворити за титулата во Лигата на шампионите. Секоја година тимот е подобар и подобар, носи уште подобри играчи, ја ловат титулата од Лигата на шампионите со години, многу вложуваат и нам ни следи многу тежок натпревар. Максимално се спремаме, тие се сигурно еден од фаворитите за освојување на титулата во Лигата на шампионите и притисокот е врз нив. И Веспрем има недостатоци и ние ќе се обидеме да ги искористиме. Сигурно и ние имаме свои шанси, па дури и да победиме. Убеден сум дека ќе дадеме максимум и ќе изгинеме на теренот. Ќе биде празник за градот, не доаѓа секој ден Веспрем во Битола и сите заедно ќе уживаме“, рече српскиот интернационалец во редовите на Пелистер.

Нашиот тим на овој меч ќе биде предводен од Звонко Шундовски кој е привремен тренер по оставката на Бранко Ангеловски.