„Имавме шанси да се вратиме во игра, но голманите на Порто беа одлични!“

Ракометарите на скопскиот гигант Вардар беа поразени со 22-26 од Порто во третото коло од Европската лига, а тренерот Владо Недановски ја откри причината за неуспехот на неговите избраници.

Недановски беше среќен поради играта во првото полувреме, но смета дека во вториот дел промашиле неколку зицери кои на крајот беа пресудни.

„Одигравме добар натпревар против Порто. Првото полувреме заврши во наша корист и среќен сум поради тоа. Се подготвувавме за игра ‘седум на шест’, но не одговоривме најдобро. Имавме шанси да се вратиме во игра, но промашивме неколку зицери, а притоа нивните голмани беа одлични“, кажа Недановски.

Вардар по три одиграни кола има освоено два бода и се наоѓа на третата позиција, додека пред себе ги има Порто со три поени и Мелсунген со шест бодови.