Сити едвај до победа, Стоунс во 95. минута ги сруши Вулвс (ВИДЕО)

Екипата на Вулвс беше на чекор од изненадување и реми против Манчестер Сити, но „граѓаните“ успеаа да слават победа со гол во 95. минута.

Домаќините уште во седмата минута го изненадија фаворитот кога Ларсен ја погоди мрежата на Едерсон, а потоа имаа и уште една прилика кога Семедо излезе сам пред бразилскиот голман, но не успеа да реализира.

Казната стигна во 33. минута кога Хрватот Јошко Гвардиол постигна прекрасен гол со удар надвор од шеснаесетникот.

Со по еден гол на двете страни се замина и на полувремето. Во второто полувреме фудбалерите на англискиот шампион продолжија да се мачат, а на крајот успеаа да дојдат до три бода во самата завршница.

По еден корнер слично како и во ремито со Арсенал, Џон Стоунс ја погоди противничката мрежа за 1-2. Ситуацијата се проверуваше и во ВАР собата, но на крајот остана да важи.