Прва тренерска смена во новата сезона: Симиќ и Шкупи се разделија

По само три одиграни кола во новата сезона, дојде до првата тренерска смена во македонското кошаркарско првенство откако Тони Симиќ и Шкупи спогодбено ја прекинаа соработката.

Клубот од Чаир е без победа во досегашните три натпревари во кои играше со МЗТ Скопје, Работнички и Чаир, а сметката за поразите ја плати 48-годишниот стручњак. Симиќ лани стана тренер на Шкупи, собра млада и талентирана екипа и успеа да го врати тимот во елитната конкуренција каде последен пат настапуваше во 2019 година. 

„Сакам да ја известам јавноста и сите љубители на кошарката дека се повлекувам од тренерската позиција во Кошаркарскиот клуб Шкупи, во интерес на играчите и самиот клуб. На сите им посакувам успех во натамошната работа и сакам да се заблагодарам на сите во клубот. Одлуката е моја и уште еднаш потенцирам дека сето тоа е за доброто на клубот“, објави Симиќ по прекинот на соработката.

Засега е непознато кој ќе биде замената на тренерската позиција. Во комбинација е секако асистентот Никола Божиновски кој летово се врати во македонската кошарка по ангажманот во Азербејџан.