„Ѓоковиќ мора да ја прифати вистината дека повеќе не е добар!“

Еден од најдобрите на сите времиња, Матс Виландер, кој сега работи како аналитичар за „Еуроспорт“, нагласи дека Новак Ѓоковиќ треба да биде среќен и рдосен што останува единствен активен член на големата тениска тројка, откако Роџер Федерер се пензионираше пред две години, а Рафаел Надал ќе го објави своето пензионирање за време на Дејвис купот во Малага овој ноември.

Тој истовремено потенцира дека Србинот и самиот мора да прифати дека повеќе не е добар како што бил во минатото.

„Мислам дека Новак ни кажува дека сака да продолжи да игра само поради Карлос Алкараз, Јаник Синер и другите млади момци. Како да кажува дека тие се толку добри што го туркаат да игра се подобро и подобро. Можеби Новак не е добар како што беше, тој сепак го дава својот максимум, иако имаше дури и операција на коленото“, изјави Виландер.

Швеѓанецот е убеден дека влијанието на Федерер, Надал и Ѓоковиќ врз помладите ѕвезди како Синер и Алкараз е огромно.

„Мислам дека Новак е многу горд бидејќи во текот на кариерата се натпреваруваше со Федерер и Надал и заврши на врвот во споредба со двајцата. Тој е помлад од нив, но ги преживеа. Ја преброди бурата и стана најуспешниот тенисер на сите времиња. Ѓоковиќ може да го види влијанието на големата тројка врз Синер и Алкараз, бидејќи знае колкаво влијание имаа Федерер и Надал врз него. Впрочем, влијанието на Новак врз денешните играчи е исто така големо, особено кога станува збор за нивната физичка подготовка“, дополни Виландер.

Легендарниот тенисер исто така нагласи дека Ѓоковиќ навреме го изградил и дефинирал односот со своите најголеми ривали.

„Новак престана да се грижи за Роџер и Рафа. Ги надмина по бројот на победи на гренслем-турнирите и дојде до речиси сите рекорди кои вредат“, заврши Виландер.