УЕФА го повика Сејдини на итен состанок!

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Муамед Сејдини добил повик за итен состанок со првиот човек на Европскиот фудбал, Александар Чеферин.

Чеферин како што соопштија од ФФМ го повикал Сејдини во Нион каде што се разговарало за физичкиот напад врз Сејдини кој се случи неодамна.

„Претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Муамед Сејдини денес престојуваше во Европската куќа на фудбалот во Нион (Швајцарија) на покана на првиот човек на УЕФА. Физичкиот напад врз нашиот претседател и последните случувања во нашата земја беа повод веднаш после натпреварот со Ерменија да биде свикан итен состанок од претседателот на УЕФА Александар Чеферин, а по добиените информации од УЕФА за политичко мешање во работата на Федерацијата, со што е загрозен нејзиниот интегритет.

Претседателот Сејдини, од прва рака и во детали го извести претседателот на УЕФА за настанатата ситуација а УЕФА изрази силна поддршка за заштита на ФФМ, и нејзиниот интегритет“, информираат од ФФМ.

Исто така во се наведува и дека во текот на вчерашниот ден ФФМ и УЕФА испратиле барање за состанок со претставници на владата во најскоро можно време.

„Претходно (вчера), УЕФА и ФИФА заеднички испратија писмен допис до ФФМ во кој бараат закажување на состанок со претставници на владата во најскоро можно време. ФФМ веднаш го пренесе овој допис до  владата на РМ во очекување на термин за бараниот состанок. УЕФА и ФИФА се непоколебливи во нивната намера да го задржат интегритетот на фудбалот и федерацијата“, дополнуваат од федерацијата.

Се наведува и дека Чеферин не заборавил и да честита за двете победи на македонската репрезентација против Летонија и Ерменија.