Ѓоковиќ: 100-тата титула ќе ја бркам против најдобриот тенисер во светот!

Новак Ѓоковиќ со победа од 2-0 (6-4, 7-6) над Тејлор Фриц обезбеди финале на мастерсот во Шангај, доколку триумфира тоа ќе биде негова јубилејна 100. титула.

Ѓоковиќ вели дека не му било лесно да забележи триумф против Фриц и среќен е што мечот завршил во два сета.

„Не беше лесно, имав некои повремени физички проблеми на теренот, но успеав да ги надминам. Ова за мене беше многу голем тест. Тејлор игра во животна форма, играше финале на гренслем, навистина игра добро на тврда подлога, одлично сервира и знаев дека ќе биде голем тест. Среќен сум што завршив во два сета, не сакав мечот да отиде во трет сет“, вели Ѓоковиќ.

Во финалето ќе игра против Синер за кој вели дека во моментов е најдобриот тенисер во светот.

„По пет години неиграње во Кина, дојдов во Шангај. Ова е место каде отсекогаш сум имал многу успеси. Тука добивам голема поддршка и сум многу благодарен за тоа, тоа ми дава енергија. Дојдов оваа година за да дојдам до финалето и да ја бркам таа 100. титула. За неа ќе се борам против најдобриот тенисер во светот, се надевам на најдоброто“, заврши Ѓоковиќ.