Алкалоид како фурија низ Велес - му даде 40 гола на Бисинов (ФОТО)
На гостувањето кај Бисинов во Велес, тимот на Кирил Лазаров славеше со 40-22 за седма победа по ред од стартот на сезоната. Со тоа Алкалоид остана на челната позиција на табелата каде по ова коло може да биде осамен ако Охрид в недела загуби од Пелистер.
Денешниот меч во Велес не донесе никаква драматика. По десетина минути игра Алкалоид се одлепи на 7-2 по серијата од 4-0, а со уште една низа од пет гола во финишот од првото полувреме, поведе и со 16-8. Во вториот дел, разликата најчестко се движеше околу 10 гола, за во финишот Алкалоид повторно да нагази и со 8-2 во последните минути да дојде до убедливиот триумф.
Марко Митев со седум гола беше најефикасен во тимот на Алкалоид, Петковски постигна шест, а Серафимов пет. И кај Бисинов, првиот стрелец имаше седум гола - Ивица Илиев.