Чичко Дончо им посака среќа на репрезентативците пред заминувањето за Летонија (ФОТО)

Македонската фудбалска репрезентација претпладнево го одржа вториот и последен тренинг пред патот а Рига, а на него присуствуваше легендарниот стручњак Андон Дончевски.

Чичко Дончо им посака среќа и успех на репрезентативците кои в четврток се среќаваа со Летонија, а три дена подоцна гостуваат и на Ерменија. Младите фудбалери, од кои дел не биле ни родени кога Дончевски беше селектор на македонската репрезентација имаа можност да го запознаат харизматичниот стручњак и од него да слушнат зборови на поддршка.

Дончевски идниот месец ќе наполни 89 години, со Вардар во 1987 ја освои шампионската титула во југословенското првенство, а во 1993 беше назначен за прв селектор во историјата на македонската репрезентација. Националниот тим го водеше на 17 натпревари, вклучувајќи го квалификацискиот циклус за Европското првенство во 1996 година, на кои оствари пет победи, пет нерешени резултати и седум порази.

Во 1998 година се врати во Австралија каде живееше и работеше долго време.