Гром од ведро небо: Новиот прволигаш од Куманово станува „филијала“ на Партизан!

Новиот член на македонската елита, тимот на МКК Куманово, денеска потпиша тригодишен договор со најголемиот кошаркарски гигант во регионот, екипата на Партизан, нешто што апсолутно никој не го очекуваше ниту најавуваше.

Првичниот договор е за соработка во доменот на едукација и унапредување на сите сегменти во работата на двата клуба.

Кумановци на состанокот потенцираа дека амбициите на овој состав е кон далеку повисоки цел од моменталните.

„Соработката со клубот од Првата лига на Македонија ќе придонесе за развој на регионалната кошарка и зајакнување на врските меѓу пријателските клубови и држави. Како што е договорено, оваа соработка ќе се реализира преку заеднички едукативни програми и проекти, на начин што нема да го попречува функционирањето на редовните активности на двата клуба“, се вели меѓу другото во соопштението од Партизан.

Во МКК Куманово моментално настапуваат двајца поранешни кошаркари на Партизан и тоа центарот Урош Луковиќ и плејмејкерот Тадија Тадиќ. Тренер на екипата е поранешниот македонски селектор и еден од нашите најдобри тренери на сите времиња, Марин Докузовски.