Мартинез претера - ФИФА го суспендира на два натпревара

Голманот на аргентинската репрезентација Емилијано Мартинез доби суспензија два натпревара и нема да биде во националниот тим во октомвриските дуели од квалификациите за Светското првенство.

ФИФА не објасни зошто е оваа казна бидејќи чуварот на мрежата на Астон Вила не доби црвен картон во меѓувреме, но лесно е да се претпостави што ја предизвикало суспензијата. Уште се свежи сеќавањата на неговиот вулгарен потег на Светското првенство во Катар кога му беше доделен трофејот за најдобар голман, а истото овој месец го направи и со трофејот од Копа Америка по мечот против Чиле. Потоа, откако Аргентина загуби од Колумбија, Мартинез во бес удри една камера.

Тој нема да може да ѝ помогне на Аргентина во дуелите против Боливија и Венецуела на 10 и 15 октомври, но Аргентина е убедливо на првото место во квалификациите и овие дуели немаат големо значење на патот до пласманот на Мундијалот.