Експресна реакција на АБА: Пелистер ќе го пречека клубот на Никола Јокиќ

АБА брзо реагираше и во најкраток рок најде замена за Вршац кој вчера преку соопштение го откажа својот настап во втората лига од регионалното натпреварување.

Во неа влегува Кошаркарскиот клуб Џокер од Сомбор кој е во сопственост на еден од најдобрите кошаркари во светот во моментов Никола Јокиќ. Претходно и Слобода Ужице одби да игра во АБА 2 бидејќи требаше да плати 25 илјади за специјална покана, па Џокер ја искористи можноста првпат во својата кратка историја да заигра на меѓународна сцена.

Клубот е формиран во 2002 година под името СО Кош, а во 2017 година го презема Јокиќ и го менува во Џокер, според неговиот прекар. Два пати во претходните четири години учествуваше на завршницата од Купот на Србија, а оствари и значајни резултати во српските лиги.

Шеф на стручниот штаб на на Џокер е поранешниот предводник на МЗТ Скопје, Жељко Лукајиќ, а Џокер во АБА 2 лигата ќе биде во групата во која се наоѓа и македонскиот вицешампион Пелистер. Своето деби на меѓународна сцена, клубот од Сомбор ќе го запише на 2 октомври кога гостува на Подгорица, додека во Битола ќе гостува на 30 октомври.