Шкупи и Шкендија играат дерби на Чаир, Вардар во Маџари е гостин на Гостивар

По паузата поради настапи на репрезентациите, клупскиот фудбал се врати, во Македонија на програмата е петтото коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), главниот дуел се игра на Чаир каде Шкупи ќе ја пречека Шкендија во дуел на екипи кои се борат за титулата.

Лидерот на табелата, екипата на Шкендија гостува кај Шкупи кој не ја почна најдобро сезоната, смени и тренер. Чаирчани денеска ќе направат се за да ги освојат трите бода и да фатат приклучок кон врвот, но тетовскиот тим со голема самодоверба ќе излезе на овој натпревар.

По првите четири кола Шкупи има само една победа, додека Шкендија нанижа три триумфи, има едно реми и уште не знае за пораз. Се очекува неизвесен натпревар на Чаир.

Интересно ќе биде во Маџари каде на стадионот „Борис Трајковски“, Гостивар ќе го пречека Вардар за кој на кормилото ќе дебитира Срѓан Захариевски.

Вардар во четири кола смени два тренери, Захариевски е трета среќа за црвено-црните, а дали ќе има подобрување во пристапот и играта на фудбалерите, ќе се види уште денеска.

Гостивар одлучи на денешниот меч да ги затвори вратите за навивачи, па натпреварот ќе се одигра пред празни трибини. Одлука која не им се допадна на Комитите кои ветија дека ќе најдат начин да го бодрат својот тим.

По првите четири кола Гостивар е на третото место без пораз, Вардар е претпоследен со само еден триумф и дури три порази.

Голем предизвик има и Пелистер, битолскиот тим ќе го пречека актуелниот шампион, Струга.

Ова коло има уште едно тренерско деби, Горазд Михаилов ќе го има својот прв натпревар како предводник на Брера, тие во Струмица ја пречекуваат екипата на Беса.

Покрај дуелите во Чаир и Маџари, во Скопје има и трета пресметка, Работнички е домаќин на Тиквеш, а во Охрид Воска ќе го пречека Силекс.

Сите натпревари се играат од 15 часот.

ПМФЛ 5. коло:
Шкупи - Шкендија
Гостивар - Вардар
Брера - Беса
Пелистер - Струга
Работнички - Тиквеш
Воска - Силекс

Табела: Шкендија 10, Струга 9, Гостивар 8, Работнички 8, Силекс 6, Шкупи 4, Воска 4, Тиквеш 4, Пелистер 4, Беса 4, Вардар 3, Брера 3.