Пешиќ ги одбра најдобрите 12 со кои ќе го предизвика дрим-тимот на САД во Париз!

Селекторот на репрезентацијата на Србија, Светислав Пешиќ, ги одбра 12-те кошаркари со кои ќе се обиде да го предизвика дрим-тимот на САД во битката за златниот медал на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз (26 јули-11 август).

На неговиот список се најдоа Дејан Давидовац и Никола Јовиќ, кои имаа проблеми со повреди за време на подготовките, додека од поширокиот список отпаднаа Алекса Раданов, Огњен Јарамаз, Алексеј Покушевски и Душан Ристиќ. На игрите во Париз во дресот на српскиот национален тим ќе настапат Василије Мициќ, Алекса Аврамовиќ, Огњен Добриќ, Марко Гудуриќ, Вања Маринковиќ, Богдан Богдановиќ, Јовиќ, Давидовац, Филип Петрушев, Никола Милутинов, Никола Јокиќ и Урош Плавшиќ.

Србија олимпискиот турнир ќе го отвори токму против американскиот состав (28 јули 17.15 часот), по што следуваат натпреварите против Порторико (31 јули, 17.15 часот) и Јужен Судан (3 август, 21 часот). Пласман во втората фаза ќе обезбедат двете најдобри селекции во секоја од групите, како и двете најдобри од трите третопласирани селекции.