„Нема веќе пари за фантомски клубови и федерации - корупцијата мора да ја исчистиме!“
Станува збор за Борко Ристовски, поранешен голман на, меѓу другите, Вардар, Металург, Рајн Некар Левен, Барселона и Бенфика, долгогодишен репрезентативец со 155 настапи во жолто-црвениот дрес, човек кој добро ги познава случувањата и кој секако ќе знае на кој начин да ја искористи новата функција за развој на македонскиот спорт, кој одамна е на – апарати. Најавува искоренување на корупцијата, контрола на трошењето на државните пари, откри влез на дополнителни 13,5 милиони евра и драстично подобрување на инфраструктурата. Сето ова е доволен повод за разговор со човекот кој во следните четири години ќе ја има можноста да ги подобри условите, а со тоа и резултатите на македонските спортисти.
Федерациите, клубовите и спортистите со нетрпение ги очекуваат парите од спортскиот ваучер, кои првпат од кога е воведен овој систем не се доделени на почетокот од годината. Кога тие ќе можат да сметаат на финансиска инјекција, која за многумина од нив е од „животно значење“?
„Прво морам да ја нагласам негрижата на претходната Влада за спортот потврдена со самиот факт што парите за спортистите воопшто не биле предвидени во буџетот. Со ребалансот на буџетот обезбедивме 550 милиони денари или околу девет милиони евра, што е можеби еден милион помалку од предвиденото поради големиот недостаток на средства општо во држатата. Но, тоа не треба да ги загрижува спортистите бидејќи ние ќе сториме се таа 'дупка' да биде пополнета со дополнителни пари од други извори, кои во следниот период би легнале на нивните сметки. Сега чекаме ребалансот официјално да заврши во август, при што веднаш ќе почнеме со процедурата, која поради итноста верувам дека ќе ја скратиме од 90 дена на најмал можен период во кој ќе може да се завршат сите чекори. Верувам дека веќе во септември спортистите ќе ги добијат парите кои им се неопходни за нормално функционирање“.
Изминативе години имаше многу забелешки на работата на Централната комисија за ваучер-системот и на критериумите по кои беа распределувани парите. Дали планирате промени во овој, можеби клучен сегмент?
„Фактот што сега имаме Министерство за спорт носи бенефит бидејќи веќе немаме потреби од комисии туку можеме директно да решаваме, што е уште еден доказ за бенефитот од ваквото 'унапредување' на АМС. Критериумите дефинитивно ќе бидат променети уште при распределбата на годинешниот ваучер, а и дефинитивно планираме ново законско решение според кое ќе бидат распределувани парите. Најголема измена е што ние како Министерство ќе ги преземем ингеренциите за распределба на државните пари во спортот, по што ќе распишеме критериуми кои ќе бидат базирани исклучиво на резултати и на програми и ќе финансираме само врз основа на резултати и програми. Секаков друг начин ќе биде џабе потрошено време и можност за корупција.“
Која е причината за ваквите размислувања, за ваквите суштински промени на државното финансирање на спортот?
„Желбата ни е да ги примораме тие што добиваат државни пари да работат напорно за да ги оправдаат добиените средства. Исто така, сакаме да ги елиминираме т.н. фантом клубови и федерации, кои добиваа не така мали суми, а ништо не работеа. Ќе бараме извештај за се што е сработено и колку е реализирана програмата поради која добиле пари, се во интерес на развој на македонскиот спорт што е наша примарна цел“.
Колку како министерство размислувате за промена на целиот ментален склоп за тоа што треба да биде државен приоритет во спортот, односно дали е потребна промена на политиката „по малку, ама за сите“ во давање приоритет на спортовите во кои традиционално сме силни и во кои имаме најмногу шанси за остварување добри резултати?
„Нашата стратегија како министерство, која ќе биде и државна стратегија е поделба на спортовите. Јасно е дека државата не може да ги финансира сите, поради што ќе приоретизираме четири екипни спорта како фудбал, кошарка, ракомет и одбојка, како и олимписки индивидуални спортови, кои се најтрадиционални во Македонија и кои низ годините ни носеле најголем успех. Со ваквото размислување ќе ги рангираме спортовите, по што најголем дел од парите ќе завршуваат таму каде што мислиме дека ќе имаме најголема и најдостојна промоција на нашата држава. Секако, ќе ги помагаме и сите други бидејќи не сакаме никого да оставиме на цедило, но со помалку средства“.
Каков е вашиот план за подобрување на спортската инфраструктира, која е горлив проблем на најголем дел од клубовите во сите спортови?
„Уште пред изборите ветивме дека по еден денар од акцизата нафтени деривати ќе заврши во спортот и планираме тоа да го исполниме. На овој начин би се собрале дополнителни 800 милиони денари, од кои планираме 85-отсто од нив да бидат насочени во капитални инвестиции токму во инфраструктурата. Веќе најавивме реконструкција на салата 'Расадник', почнавме да го решаваме проблемот со двете сали во Прилеп и најавивме изградба на спортски комплекс во Гази Баба со две сали, од кои едната би била со капацитет од 4.200 седишта, а другата би била за борешки вештини. Ваков спортски комплекс планираме да се изгради и во Битола, како и атлетска патека во Гевгелија. Сето ова и тоа што понатака ќе го правиме на други места планираме да биде самоодржливо. Лесно е да се изгради, но тешко е да се сочува, поради што планираме греењето и ладењето да биде со соларни панели и централизиран систем, кој би можел да одржува и користи долги години. Сакаме спортистите да ги имаат идеалните услови за работа во лето и во зима, без грижа дали ќе им биде топло односно дека ќе им студи“.
Ќе преземете ли нешто со постојните спортски објекти, каде што концесионерите многу малку инвестираат, а собираат многу пари бидејќи салите односно стадионите ги добиле речиси за без пари?
„Веќе во план ни е да направиме инспекција на сите државни спортски објекти кои се дадени на долгогодишна концесија и секаде каде што се прават манипулации и каде што ќе увидиме неправилност ќе ги раскинеме договорите, без разлика на кој период се дадени. Државата мора да се грижи за спортистите без разлика на која возраст и мора да им овозможи најдобри можни услови. Ако увидиме дека тоа не е направено, наша обврска е да ги вратиме тие спортски објекти во државно владение, со цел правилно и адекватно да бидат користени“.
Наскоро ќе почнат Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, на кои Македонија ќе биде претставена со седум спортисти, најмалку од државите од регионот. Дури и едно Косово ќе има повеќе учесници од нас. Како гледате на ова и што сте подготвени да направите за да се промени оваа ужасна слика?
„Поразително за македонскиот спорт е што во Париз ќе немаме спортист со остварена норма и што ќе имаме најмалку претставници од сите држави во регионот. Ова треба да биде аларм за многу понапорна работа во следниот период на сите инволвирани инстанци. Многу работи ќе треба да се менуваат поврзано со претставувањето на Македонија на ЛОИ, но ќе почнеме чекор по чекор и се надевам дека веќе за следните Игри ќе имаме далеку поголем број спортисти, особено тие кои настапот го заслужиле со резултатите остварени во арената“.
За крај, со што би биле задоволни на крајот од мандатот по четири години?
„Примарна цел ми е спортот да го исчистиме од корупција или, пак, во голема мера таа да биде намалена. Без тоа нема напредок односно подобри резултати. Верувам дека ќе успееме да го завршиме сите инфраструктурни проекти што ги почнавме и кои ги планираме и да донесеме нов Закон за спорт, кој ќе биде далеку пофункционален од сегашниот. Ако го оствариме сето ова, заедно со другите работи што го предвидовме во програмата со која дојдовме на власт тогаш би бил презадоволен“.