Горчлив старт на европското поглавје на Алкалоид, Војводина слави во Скопје! (ФОТО)
Конечниот резултат не ја раскажува приказната на целиот натпревар или, барем на второто полувреме, кога резултатот варираше од плус седум до само еден разлика во корист на Војводина. Сето тоа се должеше на променливоста во играта на Алкалоид, како најгласен симптом на недостатокот на искуство.
Во последните 10 минути од мечот, српскиот шампион влезе со предност од 27-20, што најчесто значи дека конечниот исход е јасен, но избраниците на Кире Лазаров не мислеа така. Го заштитија својот гол во следните седум минути, период во кој направија серија од 5-0, благодарение и на три важни интервенции на Благојче Трајковски.
Беше 25-27 кога неговиот колега, Андреј Трнавац фати удар од контра на Мартин Серафимов, а две минути подоцна десниот бек не реализира пенал. Тука беше крај на надежите за некаков пресврт, а разликата порасна до конечни плус пет. Во текот на второто полувреме двапати дојде до седум позитива за Војводина, пред се поради „црната дупка“ некаде во периодот од 38. до 39. минута, кога Војводина се одлепи на 26-19.
Осцилации имаше и во првиот дел, во кој Србите подобро почнаа и ја градеа разликата до 10-5 во 17. минута. Алкалоид имаше големи проблеми во нападот. Првиот гол од игра го постигна дури во осмата минута, но тој беше од контра, а првиот од организиран позиционен напад дојде дури во 15. минута. Сепак, се разбуди по 20. минута до кога имаше осум постигнати гола и осум технички грешки. До крајот на полувремето успеа да го смени изгледот на мечот и да направи 13-15 на паузата.
Во офанзивата одлични беа Иван Џонов со осум гола и Марко Митев и Арно Бинго со по пет, додека Трајковски заврши со девет одбрани на голот. Неговиот пандан, Трнавац имаше 12, а Воркапиќ беше прв стрелец со осум. Она што падна во очи на конечната статистика се дури 15 технички грешки на Алкалоид во целиот меч, но и четири промашени пенали од девет.