МЗТ со камата му се реваншира на Гостивар за двата порази по ред!

Кошаркарите на МЗТ Скопје со уште една лесна и убедлива победа стигнаа до два од два во новата прволигашка сезона, откако вечерва, на домашен терен, го преслушаа тимот на Гостивар со 85-59.

Ова беше своевиден реванш со камата на аеродромци за двата порази од гостиварци во минатата сезона, кога загубија и дома и на гости. Овој пат шампионот одигра максимално сериозно од првиот момент, а отпорот на гостите го скрши во третиот период, кој го доби со 23-9. Последната четвртина беше само рутина и шанса за помладите да добијат минутажа во веќе решен натпревар.

Бојан Крстевски со 17 поени и пет скока и Душан Танасковиќ со 15 поени и шест скока беа најдобри кај МЗТ, каде што одлична универзална партија прикажа и Војдан Стојановски со 11 поени, пет скока и шест асистенции. Американците Инграм и Вензант со по 14 поени беа најпрецизни кај Гостивар.

Ова беше прв меч од втората рунда во Првата лига, во која претстојниов викенд силите ќе ги одмерат ТФТ и Чаир 2030, Пелистер и Работнички, ГКК Охрид и Академија ФМП (сите во сабота), Еуро Никел и Кожув (недела) и Феникс и Вардар (понеделник).