Ристовски: Ние сме екипа која сака да прави чуда, „Олд Трафорд“ сам нѐ мотивира!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Стефан Ристовски посочи дека не треба посебна мотивација за утрешниот меч со Англија во евроквалификациите, зашто култниот „Олд Трафорд“ е сам посебе мотивација, а македонските фудбалери се подготвени да направат ново чудо.

После Германија и Италија кои ги победивме во последниот мундијалски циклус, Англија е следен великан за кој сонуваме скалп и тоа како мелем на раната после болниот пораз со пресврт од Украина во петокот.

„Ретко е за Македонија да игра вакви натпревари, на вакви стадиони, а самата лига што ја поседува Англија е врвот на фудбалот. Убаво е да влезеш на „Олд Трафорд“, не ти треба некоја посебна мотивација, туку - да излезеш и да покажеш тоа кое го поседуваш. Ние сме очигледно таква екипа, која игра големи натпревари и сака да прави чуда. Се надевам дека цела нервоза која ја чуваме од мечот со Украина, ќе го префрлиме на теренот“, вели Ристовски.

Англија е голем фаворит, една од најсилните селекции во Европа, па играњето во домот на Манчестер јунајтед против европскиот вицепрвак е посебно доживување.

„Сите играчи имаат големи натпреварувања и лиги. Играме против најголемиот фаворит во групата, селекција од светско ниво. Не ни треба посебен мотив. Ќе имаме исполнет стадион, тоа е доживување, генерално, за македонскиот фудбал и за сите наши гледачи да успееме спортски нешто да направиме“, додава Ристовски.

Македонија нема пораз на гостувањата кај Англија со две ремија од два меча, првото во 2002 со 2-2, а потоа без голови во 2006 токму на „Олд Трафорд“.