Вардар нема да му го продолжи договорот на Манасков!

Поранешниот македонски ракометен шампион Вардар се чини е решен да направи голем рез во ростерот, па откако не успеа да ја одбрани круната, од таборот на црвено-црните доаѓа веста дека во идната сезона нема да сметаат на левото крило Дејан Манасков. Претходно, клубот се прости од Филип Талески и Куни Моралес, кои продолжуваат во Бенфика, односно Загреб.

Според информациите, Манасков кој лани дојде во Вардар и потпиша едногодишен договор, нема да добие продолжување и веројатно ќе замине на печалба во странство. Во црвено-црниот табор на позицијата лево крило засега се новото засилување Марко Срдановиќ, кој дојде од Металопластика и младинскиот репрезентативец Марио Стојановски, а можно е и останување на полскиот репрезентативец Јан Чувара.

Засега, поранешниот двократен европски првак го потврди доаѓањето на Србите Стефан Петриќ и Марко Срдановиќ, најавено е потпишување на договори со Португалците Нилтон Мело и Ансер Родригез, а големи шанси за да се постигне договор има и со босанскиот пивот Владимир Врањеш.

Според информациите од клубот, црвено-црните и во новата сезона ќе ги води Владо Недановски.