Елези: Многу сме мотивирани и со Украина ќе дадеме сѐ за добар резултат!

Младиот макеоднски фудбалер Агон Елези, кој во минатата година дебитираше за националниот тим посочи дека без оглед што е крај на сезоната и силите после сите напори се пред крај, фудбалерите во националниот тим се максимално мотивирани за добри настапи со Украина и Англија во евроквалификациите во овие седум дена.

Селекторот Благоја Милевски уште од пред десет дена ги собра поголемиот дел на фудбалери чии првенства беа завршени за да останат во тренажен ритам и максимално физички подготвени да ги дочекаат двата исклучително тешки мечеви, па Елези потенцира дека од енергијата на тренинзите се гледа максималната мотивираност.

„Енергијата на тренинзите е на високо ниво, иако е крај на сезоната. Тоа е доказ колку сме мотивирани, колку е здрава и позитивна атмосферата во тимот. Мора да бидеме позитивни и да веруваме. Нѐ очекува исклучително силен натпревар со репрезентација на Украина, која има нов селектор и веројатно дополнителен импулс за позитивен резултат. Морам да кажам дека тренираме одлично, се чувствуваме добро. Сето тоа треба да се пренесе на натпреварот. Свесни сме што не очекува, Украина е квалитетен тим и нема да биде лесно, но ние сме подготвени. Сѐ е можно и ќе дадеме сз од себе. Се надеваме на позитивен резултат“, вели Елези.