Македонско знаме ќе се вее во Стокхолм: Начевски и Николов ќе го судат финалето на СП!
Нашите судии перфектно ги одработеа сите задачи кои досега им беа доверени на ракометниот Мундијал во Шведска и Полска, поради што апсолутно заслужени добија шанса да се најдат на центарот во „Теле 2 арената“, која всушност е преуреден фудбалски стадион, поради што спектаклот ќе го следат околу 20.000 спортски вљубеници.
Ова ќе биде трето финале во низа на за Начевски и Николов, кои се грижеа за регуларноста и во битката за златото на ЕП 2020 и на ЛОИ 2021. Ова ги прави меѓу ретките, ако не и единствени што суделе на сите три големи ракометни турнири во низа, како доказ дека во моментов се речиси сигурно најдобра ракометна судиска двојка во светот. Тие зад себе имаат финале и во Купот на ЕХФ и во Купот на куп-победниците, па сега им останува да ја делат правдата уште на финалете во Лигата на шампионите за да го комплетираат својот неверојатен опус.
Задоволството да биде комплетно, Македонец ќе има и во мечот за бронзата и тоа Драган Начевски, кој ќе биде делегат на мечот помеѓу Шпанија и Шведска.