„Победата ми беше во втор план, се борев само за да - преживеам!“

Еден од најдобрите тенисери на денешницата, Новак Ѓоковиќ, утре ќе игра за шестиот трофеј на завршниот мастерс од АТП-серијата, откако по голема борба вечерва во Торино го совлада Американецот Тејлор Фриц со 7-6, 7-6.

Србинот на теренот истрча по ултра-маратонот што го одигра синоќа против Данил Медведев, кој го доби во три сета, поради што малкумина очекуваа дека ќе најде толку голема сила одново да биде оној вистинскиот на теренот.

„Победата ми беше во втор план, морав да се борам за да преживеам. Не се чувствував комфорно по маратонската битла со Медведев и знаев дека ќе ми треба време да се прилагодам на играта на Фриц, кој има еден од најдобрите сервиси во светот. Мислам дека не одиграв најдобро, но најважно е што победив. Уживам во атмосферата, нормално дека годи кога луѓе доаѓаат специјално да навиваат за вас. Гладен сум за трофеи, пред мене и само уште еден меч и нормално дека ќе дадам се што ми остана од енергијата да дојдат до пехарот“, изјави Ѓоковиќ.

Негов противник во утрешниот дуел за трофејот и богатата награда ќе биде победникот од вечерашната пресметка помеѓу Каспер Рус и Андреј Рубљов.