Војдан Стојановски не ја менува средината – по корона-паузата пак ќе игра во Франција!

Македонскиот репрезентативец, Војдан Стојановски, и следната сезона ќе го носи дресот на францускиот прволигаш Гравелин, со кој потпиша нов, едногодишен договор.

Ова е одлична вест не само за кошаркарот, туку и за националниот тим, со оглед што ќе биде во тренажен процес од почетокот на сезоната, што и тоа како ќе му значи на селекторот Александар Тодоров во пресрет на следните два квалификациски меча, против Италија и Естонија на теренот на противниците. Стојановски сезонава долго размислуваше околу тоа каде сака да настапува, па ја прифати понудата на По Ортез за неколкумесечна соработка. Добрите игри во дресот на овој поранешен евролигаш го „оставија“ во Франција и тоа во екипата на Гравелин, каде што ќе остане и во иднина.

„Задоволен сум од соработката со тренерот, имам одлични услови во Гравелин и немаше никаква причина да не го прифатам понуденото продолжување на договорот. Навивачите кои се зад екипата се фантастични и се радувам што повторно ќе играм пред нив. Само сѐ да заврши најдобро со пандемијата и конечно сите да се свртиме кон поубавите работи во животот. А, за мене дефинитивно на прво место е кошарката“, ни изјави капитенот на жолто-црвената селекција.

За Стојановски ова ќе биде десетта сезона по ред како ќе настапува надвор од Македонија, каде што има играно за Вардар, АМАК-СП и за Фени индустри.