Вигарано е македонски град: Уште една репрезентативка ќе игра во силната Серија А!

Јуниорската репрезентативка на Македонија, Елена Тасевска (18 год, 186 см) го продолжи позитивниот тренер во женската кошарка, откако ѝ се придружи на својата репрезентативна колешка, Матеа Атанасовска и потпиша за италијанскиот прволигаш Вигарано.

Таа игра на крилната позиција и во Италија игра во последните три години, досега во младинска конкуренција, а од сега меѓу сениорите во едно од трите најсилни лиги во Европа. Тасевска настапуваше за битолски Пелистер, пред на 15-годишна возраст, заедно со Атанасовска, да се впушти во авантура и кариерата да ја продолжи на Апенинското полуострово.

„Пресреќна сум и едвај чекам оваа приказна да почне. Тренирам редовно за да останам во форма, но ништо не може да се спореди со можноста да се игра во едно од најсилните европски првенства. Не е мала работа на 18 години да се добие шанса да се игра во Серија А и благодарна сум на луѓето од Вигарано на шансата која ми ја даваат“, изјави Тасевска на течен италијански јазик, што делуваше помалку изненадувачки за медиумите од оваа држава.

Таа потенцира дека со кошарка почнала да се занимава на пет годишна возраст, а веќе со 14 години почнала да игра во македонската Прва лига.