Трансфер на деценијата: Македонска репрезентативка ќе игра во најсилната лига во Италија!

Во период кога македонската женска кошарка е на најниското можно ниво, од неодамна полнолетната Матеа Атанасовска (18 год, 176 см) направи трансфер во една од најсилните лиги во Европа, италијанската Серија А.

Талентираниот бек потпиша договор со прволигашот Вигарано, каде што е најавено дека ќе биде дел од сениорскиот тим. Атанасовска е поранешна кадетска репрезентативка на Македонија, која, изненадувачки, досега не е повикувана да настапува за најдобриот состав на жолто-црвените. Таа првите кошаркарски чекори ги направи во Бадел 1862, а од 2017 година настапува за италијански екипи во младинска конкуренција.

„Пресреќна сум што ќе настапувам за екипа од најсилната италијанска лига, против далеку повозрасни, посилни и поискусни девојки. Едвај го чекам овој предизвик, а следниот период ќе го искористам за напорна работа, за да бидат подготвена да се носам со силните противнички. Првпат во Италија дојдов на 15 години и мојот сон беше еднаш да настапам во Серија А, што сега ќе ми се оствари. Досега девојките од оваа конкуренција ги гледав само на телевизија, а сега ќе може да игра со нив и против нив“, изјави Атанасовска.

Вигарано е тим од средината на табелата во најдобрата италијанска конкуренција, кој во нашата кошаркарка гледа голем талент за во годините кои следуваат.