Тодоров: Естонија мора да се совлада, но за место на ЕП ќе ни требаат уште една или две победи!

Македонската кошаркарска репрезентација денеска официјално ги почнува подготовките за пласман на ЕП 2021 и тоа за претстојните воведни два дуели против Естонија и против Русија на гости и тоа со релативно подмладен состав и со желба да се оствари стартен триумф кој ќе ни ги подотвори вратите за следниот континентален собир.

Новиот селектор, Александар Тодоров, смета дека на располагање го има најсилниот состав во моментов и дека за место на ЕП нема да ни биде доволен само еден триумф.

„Ова е најоптималниот состав имајќи в предвид здравствениот билтен и волјата на одредени играчио. Веќе реков дека нема никого да молиме и искрено сум пресреќен што добив само еден негативен одговор од сите со кои разговарав. Важно е добро да се подготвиме во следните шест дена за Естонија и да останеме оптимално здрави за стартот на квалификациите. Имаме анализа за сите естонски играчи, знаеме што да очекуваме и кој ќе игра на која позиција. Искрено, не сметам дека воведниот меч со Естонсците ќе биде клучен и сметам дека ќе ни требаат втора па и трета победа“, изјави Тодоров.

Пресметката со Естонија е закажана за 20 февруари во салата „Борис Трајковски“, додека три дена подоцна ќе им гостуваме на Русите во Перм.