Женската македонска кошаркарска репрезентација, очекувано, квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2021 ги почна со повеќе од убедлив пораз на гостувањето кај Германија (40-105), без разлика што противник не е е меѓу подобрите селекции во оваа конкуренција.

Нашите девојки на паркетот делуваа како кадетски состав кој никако не може да излезе на крај со далеку подобриот противник, кој иако не форсираше премногу, на крајот дојде до огромна победа. Колкава беше разликата во квалитет најдобро говори податокот што Германките остварија речиси двојно повеќе скокови (66) од бројот на поени кои ги постигнаа избраничките на селекторот Владимир Ѓорѓевиќ. Да не беше опуштањето на домаќинот во последниот период, крајната негатива ќе беше уште поголема.

Единствени што нешто се трудеа да направат во составот на Македонија беа Александра Стојановски со 16 и Нена Трајчевска со 15 поени, додека сите останати едвај постигнаа девет поени.

Во вториот меч во нашата квалификациска група, Хрватска како гостин ја изненади Летонија (83-65), која, пак, е нашиот следен противник, в недела во салата „Јане Сандански“ во Скопје.