Спасибо Русија: Го добивме посакуваното – сами да си решаваме за пласманот на ЕП!

Кошаркарите на Русија не си дозволија било каква калкулација или нечесна игра и без поголеми проблеми ја совладаа Естонија (75-52), во меч кој беше исклучително важен за – македонската репрезентација.

Во случај на триумф на Естонците, ќе завршеше и сонот на нашите кошаркари за пласман на ЕП 2022, но сега, тие го добија посакуваното, сами да си решаваат за сопствената судбина. Жолто-црвените, утре, во последниот меч на квалификацискиот турнир во Перм, против естонската репрезентација ќе ја бидат битката за последното место на континенталниот собир од нашата група. Избраниците на селекторот Александар Тодоров, сепак, ќе мора да победат со најмалку двоцифрена разлика, за да ја надополнат негативата од првиот меѓусебен меч во Скопје (72-81) и да бидат пред противникот на конечната табела со ист број бодови.

Естонците денеска се држеа само во втората четвртина, кога на кратко и поведоа, но потоа домаќинот на турнирот го засили ритамот и лесно дојде до четвртиот триумф во шестиот меч. Русија и Италија квалификациите ги завршија со идентичен скор 4-2, но „аѕурите“ ќе бидат први поради двете победи во меѓусебните дуели, додека од утрешната средба помеѓу Македонија (1-4) и Естонија (2-3) ќе зависи кој ќе биде среќно трет, а кој ужасно болно четврти.