Шпанците збудалеа по нашиот џин: Македонецот Симиќ е новиот Арвидас Сабонис (ВИДЕО)

Кошаркарот на Барселона, Теодор Симиќ, за две недели ќе наполни само 16 години, но тоа не го спречи новиот селектор на македонската репрезентација, Александар Тодоров, да го вметне на поширокиот список на националниот тим како потврда на неговиот голем талент, со кој веќе извесен период ги збудалува шпанските медиуми, кои се натпреваруваат во искажувањето суперлативи за неговиот потенцијал.

Синот на поранешниот репрезентативец Тони Симиќ е предоминантен во својата возрасна категорија, а одлично се снаоѓа и играјќи против две години повозрасни противници. Поради фактот што уште сега е висок 211 сантиметри, но и поради неговиот разновиден стил на игра, Шпанците почнуваат да го споредуваат со легендарниот Арвидас Сабонис. Нашиот Теодор без разлика на тоа што делува како џин во однос на ривалите, што го користи за лесно поентирање под кошот, има чувство за атрактивна асистенција, како и мека рака со која лесно погодува тројки, нешто што беше специјалност на неговиот татко.

Медиумите од Пиринејското полуострово своите коментари полни со суперлативи и споредби со големата ѕвезда од Литванија ги поткрепуваат со компилациско видео со настапи на Симиќ за У18-екипата на Барселона, како и за У16-тимот на Каталонија за која настапуваше месецов на првенството на шпанските региони.

Талентираниот Теодор е првото име на македонската кадетска репрезентација, а воопшто нема да биде изненадување ако селекторот Тодоров го повика на подготовките на сениорската репрезентација уште следниот месец, за двомечот со Естонија (20 февруари) и Русија (23 февруари) на стартот од квалификациите за ЕП 2021.