Шортс: Знам дека Нено е лидер на тимот - јас сум тука само да му помогнам!

Првпат во квалификациите за Европското првенство, Александар Јончевски на располагање ќе го има натурализираниот македонски репрезентативец Ти Џеј Шортс, еден од најдобрите плејмејкер во Европа во моментив.

Кошаркарот на Париз пристигна во Скопје заедно со селекторот и се очекува со Димитријевиќ да ја предводи репрезентацијата на последните два квалификациски дуели. Во однос на лидерската позиција во тимот, Шортс нема дилеми дека таа му припаѓа на Димитријевиќ.

„Дефинитивно сум возбуден што пак ќе играм за нешто повеќе од тим, тоа е државата. Се надевам дека ќе помогнам и ќе го направиме нашиот дел да победиме со Естонија и Полска и ќе видиме што ќе биде. Чекам на предизвикот. Мене ми е исто дали играрм за Париз и Македонија, ќе се потрудам да помогнам. Нено е лидер на тимот, а јас ќе го дадам моето да му помогнам да го симнам товарот од него. Не сакам да зборувам за очекувања, туку сакам да помогнам да се победува. Знам дека Естонија е млад и гладен тим за успеси. Ќе мора да имаме добра енергија, затоа што знам дека имаат одлична публика. Последен пат кога играв со Естонија во дресот на Македонија, го почувствував тоа. Ни дадоа 'удар по устите' многу рано и бевме во проблеми. Сега сакам да биде поинаку“, рече Шортс.

Тој беше меѓу најзаслужните што Македонија ги помина претквалификациите, но на стартот од квалификацискиот циклус селекторот имаше потреба од центар, па дуелите во првите две кола ги одигра Итан Хап.