Шок од Талин: Натпреварот помеѓу Македонија и Италија – нема да се игра!

Присуството на најмалку еден позитивен тест меѓу кошаркарите на Македонија, тој на Љубомир Младеновски, е причина поради која натпреварот против Италија, кој требаше да почне од 15 часот, нема да се одигра во предвидениот термин.

Засега не е познато дали ова значи привремено одложување или, пак, жолто-црвените ќе се соочат со службен пораз.

„Натпреварот помеѓу репрезентациите на Македонија и на Италија, кој требаше да стартува од 15 часот, а е дел од 'Б' квалификациската група за пласман на ЕП 2022, е одложен. Водството на нашата федерација доби информација од ФИБА дека поради позитивни случаи на присуство на коронавирусот кај најмалку еден кошаркар, комплетниот наш тим ќе мора да направи уште еден PCR тест“, се вели во штурото соопштение од Куќата на кошарката.

Повеќе детали за новонастанатата ситуација ќе бидат достапни во текот на денот, кога ќе се знае дали средбата ќе биде пролонгирана за утре или, пак, ќе се соочиме со најцрното можно сценарио – загуба на бодовите на „зелена маса“.