Шанса за Париз: Македонија вторпат во историјата би можела да игра за настап на ЛОИ!

Репрезентацијата на Македонија со новиот систем квалификации за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година вторпат во историјата би можела да игра за пласман на најголемиот светски собир, за што ѝ треба да остане првопласирана во претквалификациската група и преостанатите два меча од оваа фаза, закажани за во февраури.

Жолто-црвените по две третини од натпреварите се лидери на табелата со скор 4-0, пред Словачка и Норвешка со 2-2, кај кои ни преостанува да гостуваме со огромни шанси успешно да го минеме претквалификацискиот циклус. Првото место во групата ќе ни донесе место во квалификациите за ЕП 2025, но и во една од четирите претквалификациски олимписки групи од кои двете најдобри ќе го продолжат патот за билет за „градот на светлоста“. Противниците би ги добиле помеѓу селекциите што нема да се пласираат на Мундобаскетот (вкупно 12), а во игра со Македонија, секако ако дојде до посакуваната цел, ќе бидат победниците од преостанатите три групи од претквалификациите.

Двете најдобри европски репрезентации од олимписките претквалификации ќе продолжат во олимписките квалификации во кои ќе се најдат вкупно 24 најдобри селекции од сите континенти. Подоцна, тие ќе се продолжат во четири групи со по шест селекции од каде победниците ќе ги добијат џекпотот. Според новиот систем квалификации, седум репрезентации ќе се пласираат на ЛОИ 2024 според учинокот на Мундобаскетот, но според континентален клуч и тоа по две од Европа и од Америките и по една од Азија, Африка и Океанија. Четири места ќе бидат пополнети од предолимписките турнири, а засега единствен сигурен учесник е Франција како домашна селекција.

Македонија досега само еднаш имала шанса за пласман на Олимписки игри и тоа во 2012 година кога бевме дел од предолимпискиот турнир во Венецуела на кој игравме против Ангола и Нов Зеланд (пораз и победа) во првата фаза, за да загубиме од Доминиканска република во четвртфиналето.