Се вратија по минус 14: Рајковиќ „збесна од радост“ по големиот триумф на Астана (ВИДЕО)

Македонскиот тренер Емил Рајковиќ продолжува со извонредното предводење на екипата на Астана во регионалната ВТБ-лига, со која денеска е хит во руските медиуми по фантастичната победа на домашен терен против големиот фаворит Локомотив Кубан (90-88) и тоа по големиот камбек во последните минути.

Составот од Казахстан, кој во втората четвртина губеше и со минус 14 (23-37), направи серија 15-3 во втората половина од последниот период со која дојде до резултатски пресврт и прва победа во вториот меч од новата сезона. Одличната игра на неговите избраници како и големиот триумф придонесоа Рајковиќ буквално да „збесне од радост“ во клучните моменти од средбата.

 

 

Поранешниот тренер на Фени индустри, Работнички и МЗТ Скопје седна на клупата на Астана во текот на минатата сезона, во која направи историски резултат по што беше прогласен за тренер на годината во ВТБ-лигата, која е меѓу трите најсилни во Европа во моментов.