Проблем плус за кошаркарите: Естонија доби неочекувана помош за турнирот во Талин!

Селекцијата на Естонија, домаќинот на квалификацискиот „балон“ од групата во која се наоѓа и македонската кошаркарска репрезентација, добива неочекувана помош во пресрет на средбите од ноемврискиот прозорец, откако доби дозвола за присуство на публика во салата во Талин.

Во време на пандемија, кога речиси секаде се игра пред празни трибини, естонските власти во договор со ФИБА дозволија нашиот најголем ривал во борбата за едно од местата на ЕП 2022 да добие значајна поддршка од својот „шести играч“. Протоколот е веќе изготвен и претпоставување носење маски постојано во салата „Саку Сурхал“, што и нема да биде проблем за тие што ќе сакаат да им дадат поддршка на естонските кошаркари. Веќе се познати и цените на билетите, кои изнесуваат помеѓу 26 и 41 евро за средбите на кои ќе игра Естонија, односно помеѓу 9 и 11 евра за дуелите на кои ќе го нема домаќинот на турнирот.

Македонија во Талин ќе го одмери силите прво со Италија (28 ноември), а потоа и со естонската селекција (30 ноември). Жолто-црвените ги загубија првите две средби од квалификациите и тоа годинава во февруари, прво од Естонија (72-81) дома, а потоа и од Русија (67-77), поради што имаат императив да дојдат барем до еден триумф со кој би останале во игра за место на следниот континентален собир.

Пласман на ЕП ќе обезбедат двете најдобри селекции во конкуренција на Македонија, Естонија и Русија, со оглед што Италија е веќе пласирана како еден од домаќините на овој собир на најдобрите на Стариот континент.