Петков се врати во националниот тим: Мораме да го победиме Луксембург!
Младиот бек откако ги надмина здравствените проблеми и заигра во одлична форма во дресот на МЗТ Скопје, повторно го заслужи повикот во националниот тим. Жолто-црвените ги очекуваат два натпревари од групата А во претквалификациите за ЕП 2029, а првиот е закажан во петок против селекцијата на Луксембург (18 часот), во реновираната сала „Градски парк“ во Скопје. Петков не крие дека очекува победа на стартот од овој циклус.
„Нормално е да очекуваме победа. Луксембург е квалитетна репрезентација, исто како и ние и тие имаат две победи во првиот круг. Затоа овој меч е многу важен, можеби и најважен од двата што нè очекуваат“, изјави младиот репрезентативец.
Тој се осврна и на работата со новиот селектор Жозеп Мариа Берокал, потенцирајќи дека екипата постепено се прилагодува на неговите идеи.
„Интересно е на тренинзите. Системот е делумно сличен, но има и новини. Во овие два-три дена работевме на планови за одбрана и за напад. Мислам дека на секоја репрезентација ѝ одговара шпанскиот стил на игра. Шпанија е кошаркарска велесила и верувам дека со овој стил ќе изгледаме добро“, додава Петков.
Македонската селекција вториот меч од овој циклус ќе го одигра в понеделник (2 март) на гости кај Азербејџан.